1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трнлив пат до промена на полот и името

Елиот Даглас
31 март 2021

Ширум светот се одбележува Денот на видливост на трансродовите лица. Во Германија тој е поврзан со надеж дека ќе се олесни промената на полот и името. Сега процесот е долг, скап и понижувачки, велат од транс-заедницата.

https://p.dw.com/p/3rQ8F
Deutschland Felicia Rolletschke
Фелисија Ролечке е активистка за правата на трансродовите лица во ГерманијаФотографија: Felicia Rolletschke

Фелисија Ролечке се бори за промена на законот кој регулира како трансродовите лица можат официјално да го променат полот. Тој закон постои точно четири децении, а Уставниот суд последен пат препорача негова измена уште пред 10 години.

Владата овој февруари потврди дека работи на нов „Закон за самоопределување“, откако нацртот протече до еден десничарски портал. Надежта на активистите е дека ваквиот предлог закон може да донесе рационализација и модернизација на процесот. Но, владата јасно стави до знаење дека таква реформа не може да се очекува наскоро.

„Промената на името и полот претставува мака и непријатност“, вели Фелисија Ролечке. Таа и самата минала низ сето тоа, а ѝ биле потребни години. Ролечке (26) организира работилници во Берлин. Вели дека израснала во „многу католичко“ баварско местенце, а во главниот град на Германија дошла на 17-годишна возраст за да студира. Таму, на 21-годишна возраст, престанала да го крие својот идентитет.

#dw_BalkanBooster: Откривање на сопствената сексуалност - со препреки

Кон крајот на 2015 година, вели, нашла добар терапевт. „Се договоривме да почнам со подготовка на документација за промена на името, дури и пред да почнам со хормонска терапија и операција. Но, за да почнам, морав да платам 1600 евра.“

„Не е добро тоа што условот за законска промена на името е да имаш доволно пари“, вели Ролечке.

Кале Химпфнер од германската Транс-асоцијација потврдува дека таксите и давачките за промена на името и полот се високи. „Често трошоците изнесуваат по неколку илјади евра“, вели. „Тоа се превисоки пречки.“

По сослушувањето кај судија, со тие пари се плаќаат две „стручни мислења“, кои ги даваат главно психотерапевти. Двајцата стручњаци мора да разговараат со трансородовото лице независно еден од друг.

Мал чекор напред во остварување на правата

„Двата мои разговори траеја по два часа. Тоа е психолошко вештачење каде што се зборува за целата твоја животна приказна“, се сеќава Ролечке. „Прашуваат за сексуалните искуства, сексуалната ориентација, фетишите, семејната структура. Зборувавме за многу теми кои не се важни за прашањето на родот.“

Чувствувала дека проценуваат колку одговара на стереотипот за жената. „Проценуваа колку ми е добра шминката или забележаа дека сум ги прекрстила нозете кога седнав“, раскажува таа. „И, ја проценуваа мојата сексуална ориентација. На пример, ако сте транс-жена и ве интересираат исклучиво мажи, тоа носи бонус поени.“

„Изгледаше како да мислат дека да си транс е психичка болест“, додава Ролечке. Таквото видување беше отфрлено од страна на Светската здравствена организација во 2019 година

Вештаците потоа својата анализа му ја поднесуваат на судијата. Според зборовите на Химпфнер, речиси сите стручњаци доаѓаат до заклучок кој е ист со она што го тврди и трансродовото лице. „Тие вештачења се не само непотребни, туку можат да бидат и понижувачки за транс-лицата“, вели тој.

На крајот, по повеќе од две години, многу вложен труд, пари и стрес, Ролечке добила писмо дека ѝ е одобрена промена на полот и името.

#dw_BalkanBooster: „Немав избор“

Право на избор на 14 години?

Сега два одвоени предлог закони - еден од германските Либерали, другиот од Зелените - предвидуваат право на самоопределување за сите лица постари од 14 години.

„Младите луѓе на 14 години можат независно од родителите да одлучат да се приклучат кон некоја религиска заедница или да ја напуштат“, потсетува Химпфнер. „Слободата на вероисповед е основно право, но препознавањето на сопствениот род е исто така покриено со човекови права, како правото на достоинство или на слободен развој на личноста.“

#dw_BalkanBooster: Дискриминација на ЛГБТКИ+ лицата

Од постоечкиот закон е веќе исфрлен член според кој лицата кои менуваат пол мораа претходно да извршат оперативен зафат. Во 2017 година Германија воведе законска можност полот и родот да се означат како divers (разно).

Сега трансродовите лица се надеваат дека законот за самоопределување ќе овозможи промена на полот и името без перипетии, како што е во некои други земји. Сепак, не изгледа како да тоа ќе се случи пред парламентарните избори во септември.

„Сметам дека германското законодавство во моментов е премногу конзервативно“, нагласува Ролечке. „Но, и самото зборување за промена на овој архаичен закон е чекор во вистинска насока. Се надевам дека ќе успее, но не сум преголем оптимист.“