1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПалестински територии

САД блокираа полноправно членство на Палестина во ОН

Тагесшау | ЕМФ
19 април 2024

САД ставија вето на резолуцијата во Советот за безбедност со која се бара полноправно членство на Палестина во ОН. Вашингтон како предуслов го гледа решението со две држави. Палестина и натаму ќе има статус на набљудувач

https://p.dw.com/p/4exTL
Палестински територии Обединети Нации
Палестинците имаат статус на набљудувач во Обединетите нации од 2012 година, но со години бараат полноправно членствоФотографија: Justin Lane/epa/dpa/picture alliance

Соединетите Американски Држави ставија вето за палестинското полноправно членство во Обединетите нации при гласањето во Советот за безбедност на ОН. Текстот на резолуцијата што го предложи Алжир доби дванаесет гласа „за“ и еден глас „против“, а Велика Британија и Швајцарија беа воздржани. Во него на Генералното собрание му се препорачува да ја прими „државата Палестина како членка на Обединетите нации“. Палестинците со години бараат полноправно членство.

Палестинците реагираат гневно

Палестинските автономни власти го осудија потегот на САД. „Оваа агресивна американска политика кон Палестина, нејзиниот народ и неговите легитимни права претставува бесрамна агресија против меѓународното право и е охрабрување за продолжување на геноцидната војна против нашиот народ (...), која го турка регионот уште поблиску до работ на бездна“, соопшти кабинетот на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас.

Одбивањето „нема да ја скрши нашата волја и нема да ја спречи нашата решителност“, рече палестинскиот претставник во ОН, Ријад Мансур. „Нема да ги запреме нашите напори. Држава Палестина е неизбежна, таа е реална.“

Њујорк Совет за безбедност | Ријад Мансур
Ријад Мансур: Нема да ги запреме нашите напориФотографија: Craig Ruttle/AP/dpa/picture alliance

САД повикуваат на решение со две држави како прв чекор

Постојаната членка на Советот за безбедност, САД, не криеше дека ја отфрла иницијативата. Се смета дека ОН не се вистинското место за признавање на палестинска држава, туку тоа треба да произлезе од договорот меѓу Израел и Палестинците. САД постојано го користеа своето право на вето во минатото за да лобираат за својот сојузник Израел. „САД продолжуваат силно да го поддржуваат решението за две држави“, рече американскиот заменик-амбасадор Роберт Вуд по гласањето.

Решението за две држави предвидува независна палестинска држава која коегзистира со Израел. Гласањето не го одразува отфрлањето на палестинската држава, туку признавањето на фактот дека тоа може да се постигне само преку „директни преговори меѓу страните“.

Статус на набљудувач од 2012 година

За една држава да биде примена во ОН, прво треба да се даде препорака од Советот за безбедност - со најмалку девет од 15 гласа и без вето од постојана членка. Апликацијата потоа мора да биде одобрена од страна на Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство. Палестинците имаат статус на набљудувач во Обединетите нации од 2012 година, но со години бараат полноправно членство.

Мнозинството од 193 земји-членки на ОН еднострано признаваат палестинска држава - според палестинските власти тоа се 137 држави. Германија не ја признава Палестина како држава, но одржува дипломатски односи со палестинските територии.