1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По 8 мај продолжува 30 април

2 мај 2024

Што ќе се случи со СДСМ по изборите? А кому му е гајле. Освен како демонстративна поука за тоа како ќе ја растураат ВМРО-ДПМНЕ откога ќе ги испорача уставните измени. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4fPYR
Изборни плакати, Избори во Северна Македонија 2024
Изборни плакати, Избори во Северна Македонија 2024Фотографија: Petr Stojanovski /DW

1.

Среде првиот и вториот изборен круг, најчесто повторувана констатација е дека се враќа, дека се личи, дека сѐ е исто како во 2006 година. Дека Максим е новиот Тито, дека ВМРО кон ДУИ се однесува на ист начин, дека СДСМ повторно е внатрешно скаран. Навидум, примерите ја потврдуваат таквата оценка, или барем импресија. Вистина, аргументите на Мицкоски се идентични на зборовите на Груевски кажани месец дена пред изборите 2006 година (по средбата со Меркел). Заклучно со тврдењата дека Мицкоски не е Груевски, онака како што тврдеа дека оној Груевски не е како Љубчо Георгиевски. Но тоа е сепак само рефлексно читање на нештата. Бидејќи, доколку повнимателно ги проанализираме нештата, попрво е дека станува збор за нешто друго, за политички календарска аномалија во која по осми мај, доаѓа 30 април.

30 април, оној од 2017 година, е датумот на последната средба – на Малта – помеѓу екс-премиерите Ангела Меркел и Никола Груевски. На која Меркел ја дава последната шанса за спас на владата на ВМРО-ДУИ под услов или барање до Груевски да поднесе оставка и со тоа овозможи продолжување на коалицијата. Поедноставено, следната Влада на ВМРО и ДУИ нема да биде некаков рестарт, туку продолжение на она што поради алчноста на Груевски и американскиот притисок врз Ахмети беше раскинато и, евидентно, ставено на стенд-бај.

Неодамнешните изјави на претставниците на Конрад Аденауер Штифтунг со невообичаено остри коментари за сегашната власт - и вообичаено апологетски за минатата - нѐ потсети на фалинката која тлееше овие последни пет или шест години. За улогата, придонесот и одговорноста на Германија и нејзините идеолошки испостави во исчашеноста на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Дотолку повеќе што за улогата на Меркел, ЦДУ и КАС имаше доволно написи во контекст на Александар Вучиќ, Еди Рама, но не и за третиот протеже на Меркел – Никола Груевски. Вклучително и за одговорноста околу подемот на влијанието на „источните актери”, како во ЦДУ-ЦСУ, Германија воопшто, ВМРО-ДПМНЕ и Македонија воопшто.

Веќе навикнавме на овие периодични мени на регионалните Курто САД и Мурто Германија во диктирање на домашните приоритети. Гледано во ретроспектива, беше логично САД да ја превземат палката на кастрење на ВМРО со цел обезбедување влез на земјата во НАТО. Логично е сега Германија, демек ЕУ, да ја превземе палката во октроирање на реалноста со цел земјата да влезе во ЕУ. Во обата примера, таквите Курто-Мурто дипломатии обезбедија проформа успеси и тотална деградација на реалноста. Накусо, инсистирањето на естаблишментот во држење на Македонија во перпетуална позиција на утилитарност по мерка и интерес на Србија, резултира во перпетуални утилитарни карактери на македонските партии (плус ДУИ). Користејќи ги те едните за НАТО, те другите за ЕУ, а сите нас заглавени во статичната утилитарност од која фајде нема никој.

Изборниот молк на САД и Германија е како преодна фаза во која САД си обезбеди амнестија за себе преку неколкукратни дерења на Агелер за корупциска епидемија, додека пак молчаливата германска амбасада се подготвува за следната – продолжена – епизода на галамење за економијата, за инвестициите, за реформите. Но бидете убедени, со ист ефект по смртничките ни животи како и досега. Доколку не верувате, погледнете ја Црна Гора и Босна Херцеговина како демонстрација на ефектите на американските изборени реформи и користењето на Бонските овластувања од (благо кажано) контроверзниот Кристијан Шмит. За Србија и Албанија под водство на „синовите" на Меркел, нема ни да трошам зборови. Доколку судиме според искуствата од соседите, спремете се за гласно дерење на дипломати и стерилно занимавање со стироформ-реформи. Но сепак, промени ќе има. Кон многу полошо. Од 30 мај 2017 година.

2.

Промената на политичката американска лакрдија со реформи ќе биде наследена со евро-германска лакрдија на, па, реформи, економски. Доколку американската се базираше врз патрдијата „едно општество за сите”, германската ќе врви според најавата за „нов економски рамковен”. Симптоматично комично промовиран од никој друг туку Хари Костов, македонскиот банковен Али Ахмети, со служба во Комерцијална Банка од 1996 – и две три години пауза – до ден денешен. Па како што Ахмети никогаш не згрешил, бидејќи никогаш не бил во извршна власт, така и Хари Костов мудрува за Европски рамковен договор од позиција на финансов банкар (некој тоа го вика- шпекулант) со траорни две години служење во политика и економија. Тоа е приближно како забар да ви врши операција врз желудник. Еми, а дентист а хирург, доктори се и двајцата, анестезија умеат да дадат, кожата со склапел да ви ја расечат – а потоа, се читаме во црни хроники.

Но која е премисата на идејата за Економски рамковен? Па воглавно, ништо повеќе од политичка елаборација за нашироко воспоставена предубеденост за Професионалци (читај: Македонци, македонски компании) и Аматери (читај: Албанци, албански компании). Предубеденост која особено во предизборието нашироко и надлабоко се користи од македонските партии и медиуми преку дилемата: па кога веќе еднаш Албанците ќе почнат да зборат за економија, кога ќе носат инвестиции, а не само со етнички прашања да се бават и Македонија ја заглавуваат! Среде таквите мижилажни подметнувања на политички неписмени лидери и корумпирана „јавност”, навистина не може да им се замери на обичните Македонци што навистина веруваат во таква не искривена, туку целосно лажна претстава.

Па затоа, нека зборуваат фактите. Денес економијата на Македонија опстои врз албански инвестиции. Па да ги наброиме, почнувајќи од инвестициите од Албанија и Косово: Вива Фреш, ЕТЦ; Елкос Група, Апетит Група, Хиферк лтд, Стриварис лтд, Брико Македонија, Балфин група, Скандинавиан лтд. Непознати? Можеби ќе се препознаат во Нептун, Комодита, Јуск, Спорт М, Клан Македонија, ТВ 21, Кипер, Сити Мол, Ист Гејт, Еколог, Даути Комерц, Шел, Еуро Актива, Еуро Медиа, Алма М, Вардар Доломит, Трим Лум, Пофикс. Накусо, според податоците од – не денес – туку од 2013 година, преку 13.000 албански компании делуваат во Македонија, со 23% во вкупните приходи на земјата и над 4 илјади вработени. Податоците, повторувам, се од 2013 година. Но што е тоа во споредба со епохалниот успех на Максим Димитриевски во отварањето на супермаркет на Лидл во Куманово.

Но тоа не значи дека самата идеја за Економски рамковен договор е сама по себе лоша. Напротив, добра е. Но според начинот и ликовите кои ја промовираат, таа е само уште една добра идеја со пакосна позадина. Слична на граѓанскиот концепт, навреме предлаган од Албанците и одбиван од Македонците, за сега да биде насила натуран од Македонците и логично одбиван од Албанците. Бидејќи, како и сѐ друго, проблемот не е во именувањето, туку во ниетот и реализацијата преку игнориање на реалноста и импонирање на имагинарни општества или имагинарни економии. Поради кои, и по 30 години независност и доминација во бирократското управување со економијата, единствените познати македонски брендови (Алкалоид, Охис, Витаминка) се оние наследени од Југославија. Додека пак „најуспешни” инвестиции се оние кои одбиваат да го објават профитот или сумата на загуби со кои делуваат. Туку, да прашам, колкави се профитите или загубите на Макпетрол, Окта, ЕВН?

3.

Што ќе се случи со СДСМ по изборите?А кому му е гајле. Освен како демонстративна поука за тоа како ќе ја растураат ВМРО-ДПМНЕ откога ќе ги испорача уставните измени. Но доколку инсистирате, би рекол дека ја гледам СДСМ како се враќа во Стара чаршија, во Драчево, Нагоричане, Дуќанџик во биртии и кафеани.

Ги гледам Дарко Каевски, Спасовски, Лукаровска и ослабнатиот Маричиќ, заедно со „интелектуалците” на Заев и пионир-пензионерите на Бранко како се вртат по чајџилници и биртии, со кротко скроени гримаси од репертоарот „Шеќеринска во опозиција”. Ги гледам како саде изненадени и навредени, наидуваат на Мариглен Демири и Здравко Савевски, со гласни извици од скопски асфалт: „ееј, а бе пеери, па кај сте бе стопанката, ве нема да се јавите, телефон да дигнете, да прашате како сме? Како бе нѐ оставивте сами, на цедило баш кога требаше да спречиме да се врати режимот.”

По неколку трепкања и шлаење во чевли, следи грижливото прашање: „туку, до кај сте со судовите? Значи, небањатите усул немаат, трунка човечност”. Го знаете одговорот. „Па ништо, Сиљановска и Мицковски ги анулираа судските процеси против нас”. Вториот дел од одговорот не е дозволен да се пренесе поради уредувачката политика на Дојче Веле за вулгарности.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач