1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИндија

Парламентарни избори во Индија: Избори на суперлативи

Мурали Кришнан
19 април 2024

Парламентарните избори во Индија во 2024 година би можеле да бидат едни од најголемите и најдолгите во историјата на земјата. Сепак, не се очекуваат големи политички промени - во анкетите води владејачката БЈП.

https://p.dw.com/p/4ewRw
Индија избори 2024
Во Индија има околу 970 милиони регистрирани гласачи - процесот на гласање ќе се одвива во седум фази и ќе трае шест неделиФотографија: AFP

Започнаа најголемите избори во светот. Во Индија гласаат околу 970 милиони регистрирани гласачи кои имаат право да гласаат во процесот што ќе се одвива во седум фази и ќе трае шест недели.

Премиерот Нарендра Моди се надева дека ќе освои трет последователен мандат. Гласачите избираат 543 членови на Лок Сабха, долниот дом на индискиот парламент.

На изборите учествуваат 6 национални партии, 57 т.н. државни партии и 2.597 помали партии на кои им е дозволено да бидат гласани, но не ги исполнуваат условите да бидат официјално признаени од Националната изборна комисија.

Сепак, главната трка ќе биде помеѓу двете најголеми политички партии во Индија; владејачката партија Бхаратија Џаната (БЈП) и опозицискиот Индиски национален конгрес (ИНЦ) скратено - Конгресна партија.

За во 2024 година да се спротивстави како заедничка опозиција на БЈП и Моди, Конгресната партија склучи сојуз од 28 партии, под знамето на „Индискиот национален развоен инклузивен сојуз“ или ИНДИЈА.

Моди и БЈП сè уште се популарни

Според анкетите, премиерот Моди и неговата хинду националистичка БЈП се очекува да победат на овие избори.

Моди е популарен лидер, делумно благодарение на платформата насочена кон хинду мнозинството во Индија, кое сочинува 80 отсто од населението. Моди, исто така, спроведе различни програми за зајакнување на економскиот раст и вети дека Индија ќе ја направи трета по големина економија во светот до 2029 година.

На изборите во 2019 година, БЈП обезбеди убедлива победа со 303 места и формираше коалиција која контролира вкупно 353 места. Од друга страна, Конгресната партија освои 52 места, а со своите сојузници доби дополнителни 91.

Критичарите велат дека со БЈП на власт веќе една деценија, а со изгледи за обезбедување уште пет години, владата на Моди ја гасне повеќедецениската посветеност на Индија за повеќепартиска демократија и секуларизам.

Предизборен митинг на актуелниот премиер Нарендра Моди, Индија
Предизборен митинг на актуелниот премиер Нарендра Моди, ИндијаФотографија: Subrata Goswami/DW

Откако БЈП беше реизбрана во 2019 година, тензиите меѓу индиските хинду и муслиманските малцинства ескалираа.

Постојаното потпирање на БЈП на агресивната хинду националистичка агенда беше ефикасно во обезбедувањето гласови во минатото. Но, политичките противници на БЈП велат дека ултранационалистичката реторика на партијата се заканува да го замени секуларизмот како темел на уставот на Индија.

Сиеда Хамед, активистка за правата на жените и поранешен член на индиската Комисија за планирање, стравува дека уставот би можел да се промени доколку БЈП повторно победи на изборите. „Многу отворено беше објавено дека Индија ќе стане теократска држава доколку тие (БЈП) го сменат уставот во зависност од мнозинството што го имаат“, изјави оваа активистка за ДВ.

„Постои многу конкретен страв дека уставот може да се смени и целокупната клима на угнетување може дополнително да се влоши“, додава Хамед.

Опозицискиот блок ја обвинува владата на БЈП за демократско назадување, а за време на изборната кампања покренаа и прашања поврзани со невработеноста и инфлацијата.

Најголемиот електорат во светот

Според официјалните податоци, Индија има 497 милиони мажи и 471 милиони жени. Избирачкото тело порасна за 6 проценти од последните општи избори во 2019 година.

Повеќе од 20 милиони млади гласачи на возрасната група од 18 до 29 години беа додадени на гласачкиот список. „Младите покажуваат поинаков тренд и интересно е што не гласаат само за партии, туку и за лидери“, вели за ДВ политичарот на БЈП, Г В Л Нарасимха Рао. „Имиџот на лидерите и кандидатите се чини дека е поважен фактор за нив отколку за нивните постари сограѓани“, додава Рао.

Излезноста на изборите во Индија е генерално висока. Според Изборната комисија на Индија, во 2019 година гласале 66 отсто од гласачите.

Како функционираат изборите?

Во Индија се одржуваат општи избори на секои пет години. На изборите во 2024 година ќе се избере 18. Лок Саба, долниот дом на парламентот. Првите избори по независноста на земјата беа одржани од октомври 1951 до февруари 1952 година.

Националните избори ги надгледува Изборната комисија на Индија (ЕЦИ), која распоредува набљудувачи на изборите за да обезбеди транспарентност во текот на шестнеделното гласање.

За време на шестнеделните избори, гласањето се одвива според распоред по региони, што го одредува ЕЦИ врз основа на фактори, како што е населението во државата, заедно со политички фактори, како што се потенцијалот за немири или безбедносни проблеми.

Индија протест на селаните
Протест против владата од незадоволните селани, кои бараат повисоки цени за своите производи, март 2024 година Фотографија: Adnan Abidi/REUTERS

Гласањето во финалната фаза ќе се одржи на 1 јуни, а сите гласачки ливчиња ќе се пребројуваат на 4 јуни. Резултатите ќе бидат објавени истиот ден. За да обезбеди мнозинство, партија или коалиција мора да освои 272 места во парламентот.

Етапното гласање по региони, исто така, им овозможува на изборните службеници, набљудувачите и безбедносниот персонал да патуваат од еден регион во друг и да се осигураат дека нема злоупотреба.

ЕЦИ има имплементирано модел на кодекс на однесување, кој е збир на насоки за однесувањето на политичките партии и кандидатите за време на изборите и ефективно наметнува казни за оние кои ги прекршуваат правилата.

Главната цел на кодексот е да обезбеди владејачките партии да не ја злоупотребуваат својата позиција за да добијат неправедна предност, а правилата се дизајнирани и да спречат дејствија што се сметаат за коруптивни.

Речиси 340.000 безбедносни лица од централните вооружени полициски сили се активирани за да им помогнат на постојните државни полициски сили, кои ќе се транспортираат со железница од една до друга локација.

Пред гласањето, главниот изборен повереник на Индија, Раџив Кумар, апелираше до политичките партии да останат цивилизирани, особено со прашањата како што се говорот на омраза и дезинформациите кои доаѓаат до израз за време на кампањата.

„Се свртуваме кон политичкиот етички дискурс. Би апелирал до партиите да ја задржат пристојноста и да се воздржат од злоупотреба и лични напади“, изјави Кумар за медиумите.

Парламентарни избори во Индија 2024
Парламентарни избори во Индија 2024 - партиски рекламен материјал на продажба во КалкутаФотографија: Indranil Aditya/NurPhoto/picture alliance

Милијарди за трошоците за кампањите

Изборните правила велат дека избирачкото место мора да биде достапно на 2 километри од секој дом. Во 2024 година, гласачите ќе го дадат својот глас на повеќе од 1,25 милиони избирачки места на 5,5 милиони електронски гласачки машини поставени во 28 сојузни држави во Индија и девет сојузни територии.

Индија користи безбедни електронски гласачки машини од 1999 година. Во 2014 година беа воведени печатачи кои складираат печатена копија од секое гласачко ливче во запечатена кутија наречена „Ревизиска трага на хартија што може да се провери од гласачите“, обезбедувајќи дополнителен елемент на безбедност.

Се проценува дека политичките партии и кандидати на последните избори во 2019 година потрошиле 8,7 милијарди долари (8,02 милијарди евра). Меѓутоа, овојпат бројката е зголемена. Според проценките на Центарот за медиумски студии со седиште во Њу Делхи, политичките партии и кандидатите на изборите ќе потрошат повеќе од 14,4 милијарди долари.