1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКина

Јужнокинеско море: Нови тензии меѓу Кина и Филипини

СН/агенции
30 април 2024

Кина полага право на речиси целото Јужнокинеско море - со што предизвикува револт и загриженост кај соседните држави. Сега се случи инцидент со Филипините.

https://p.dw.com/p/4fL8H
Кинеската крајбрежна стража стрела со водени топови кон филипински брод
Кинеската крајбрежна стража стрела со водени топови кон филипински бродФотографија: Adrian Portugal/REUTERS

Филипините денеска ја обвинија кинеската крајбрежна стража дека употребила водени топови против два филипински брода и го блокирала пристапот до спорниот гребен во Јужнокинеското море, а Пекинг потврди дека ги „одвратил“ чамците од островот. „Кинеската крајбрежна стража повторно постави пловечка бариера од 380 метри, ограничиувајќи го пристапот до областа на гребенот Скарборо“, се вели во соопштението на филипинската крајбрежна стража.

Кина постави слична пловечка бариера на таа локација во септември 2023 година, која беше демонтирана неколку дена подоцна од страна на филипинската крајбрежна стража.

„На 30 април кинеската крајбрежна стража, во согласност со законот, ги одби филипинските бродови кои влегоа во водите кај островот Хуангјан“, се вели во соопштението на кинеските власти.

Гребенот Скарборо се наоѓа на 240 километри западно од главниот филипински остров Лузон и речиси 900 километри од кинескиот остров Хаинан, јужно од брегот на Кина, која полага право на речиси целото Јужнокинеско море, вклучувајќи ги и поморските територии на Филипините, Виетнам, Индонезија, Малезија и Брунеи. Во 2016 година, Меѓународниот суд за арбитража во Хаг пресуди дека историските претензии на Кина за областа се невалидни, но Пекинг не ја признава пресудата.