1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Од Иран доаѓаат деманти дека земјата била нападната

ЕМФ / дпа
19 април 2024

Иранските државни медиуми ги отфрлија информациите за ракетни напади врз Иран. Од Техеран се вели дека се работи за „мали летечки објекти“.

https://p.dw.com/p/4ewya
нуклеарна централа во Исфахан
Иранското радио јави дека нема опасност за атомските постројки (фото: нуклеарна централа во Исфахан)Фотографија: epa/dpa/picture alliance

Иранските државни медиуми ги отфрлија извештаите за ракетни напади врз земјата. Тоа не беше широк напад, објави изутринава (19.04) државната новинска агенција Ирна. Иранската државна телевизија информираше дека „пред неколку часа биле откриени и погодени повеќе мали летечки објекти на небото над Исфахан“. Според ваквите информации, нема извештаи за штети, а воздушниот сообраќај повторно се одвива непречено. Иранската влада истовремено ги демантира извештаите дека Советот за безбедност на земјата се состанал на итна седница.

Американските медиуми јавија дека Израел го нападнал Иран. Телевизиите Си-Ен-Ен, Еј-Би-Си Њус, Ем-Си-Ен-Би-Си и Фокс Њус, повикувајќи се на извори во американската влада, јавија дека во текот на ноќта Израел извршил воени операции во Иран. Тоа било реакција на иранските воздушни напади врз Израел во текот на минатиот викенд. Иран го нападна Израел со дронови и ракети поради, како што тврди Техеран, израелски напад на просторот на иранската амбасада во Дамаск, во кој загинаа и двајца генерали на иранската Револуционерна гарда.

Повеќе американски медиуми објавија дека со еден или повеќе израелски проектили била нападната цел во Иран. Потврда од Пентагон за ваквите информации засега нема. Нема ниту директно обвинување од иранска страна.

Фокс њус,цитирајќи воен извор, објави дека станува збор за „ограничен напад“. САД, како што се вели, не биле вклучени, а Израелците однапред ја информирале американската влада. Cи-Ен-Ен објави дека американската влада не дала „зелено светло“ за нападот. Во четвртокот имало видео-разговор меѓу високи претставници на американската влада и израелската страна, при што станало збор и за Иран, јавува телевизијата повикувајќи се на извори во Белата куќа. Си-Ен-Ен, исто така, јави дека нуклеарните постројки во Иран не биле цел на нападите.

Според иранските државни медиуми, во текот на ноќта на небото над иранската провинција Исфахан биле погодени неколку мали летечки објекти. Претходно имаше извештаи за експлозија во градот Исфахан, која според државните медиуми била предизвикана од страна на противвоздушната одбрана. Наводно, експлозијата се случила во близина на воена база. Во Исфахан се наоѓаат важни капацитети за иранската одбранбена индустрија. Во градот се наоѓа и најголемиот нуклеарен истражувачки центар во земјата. Според иранското радио, немало опасност за тамошните нуклеарни постројки.