1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија - робовска работа зад воланот на камион

2 мај 2024

Во ЕУ и во Германија, одамна постојат правила со кои се гарантира дека возачите на камиони ќе бидат соодветно платени и ќе водат барем пристоен живот. Тоа е теорија која нема врска со реалноста.

https://p.dw.com/p/4eYRj
гужви, сообраќај
Застанувања, гужви, маки... А возачот има строги рокови за испорака и скапо го чини ако не ги почитува.Фотографија: Rolf Vennenbernd/dpa/picture alliance

Дури и на германските автопати во реката на камиони брзо може да се забележи праксата: приколката и веројатно стоката во камионот се од една од богатите земји-членки на Унијата, а влечното возило, а понекогаш и знакот на церадата. го рекламира превозникот од земја-членка каде таксите за возила и осигурување се пониски. Но, вистинска „светска заедница“ може да се види на на германските паркинзи пред викенд, кога на камионите генерално им е забрането да возат: тука најмалку има возачи од земјите на ЕУ, зашто и на оние од помалку богатите членки на ЕУ, тоа им е премногу работа за премалку пари.

Новинарите на АРД посетија паркинг за камиони во близина на Дортмунд во друштво на германски синдикални активисти. Паркингот е преполн бидејќи ги нема доволно. Полицијата ги протерува од местата каде што не треба да се паркираат тешки камиони, но постои и законот на џунглата. Дури и на „службените“ паркинзи речиси и да нема надзорни камери, чувари практично никаде нема. Кражбата на гориво или дури и стока од камионот е честа појава, а одговорен за тоа е возачот.

Возач од Белорусија раскажува дека бил ангажиран во агенција од Литванија и добива по 75 евра дневно - без здравствено и пензиско осигурување. Тој се соочува и со проблем ако треба да плати казна затоа што, на пример, не го почитувал ограничувањето на брзината. Роковите за испорака се претесни за да се почитуваат сообраќајните знаци, а газдата не гледа зошто треба да плати за неговиот прекршок.

возач
Возачот од Таџикистан има празен камион за да може да импровизира вистинска масаФотографија: K. Domagala-Pereira/DW

Каков хотел!

Тој слушнал нешто за програмата „фер мобилност“, која во Германија од февруари 2022 година им гарантира на возачите дека нивниот работодавец треба да плати сместување во хотел за време на ноќната пауза, што е задолжително во ЕУ од 2006 година, но тој никогаш немал таков луксуз. Спие и живее во својот камион бидејќи нема пари за друго. Така е и со возачот на другиот камион на тој паркинг: тој е од Украина и работи кај газда од Словачка. Повторно според тоа германско правило и бидејќи вози по германски патишта треба да ја добива минималната плата на оваа земја - 12,50 евра на час. Во реалноста, тој добива минимална плата во Словачка - околу 800 евра месечно и среќен е што може да подмири некои трошоци.

Најголема шега е регулативата за таканаречената каботажа - обврската на работодавачот да му дозволи на возачот да се врати во татковината по најмногу 8 недели. Германската синдикалистка Ана Вајрих ни вели дека ретко слушнала дека се почитува оваа одредба: „Има многу извештаи дека возачите брзаат од една до друга дестинација во Западна Европа со месеци, дури и повеќе од една година, што законски не е дозволено“.

Животот на жените возачи на камиони во Германија

Ситуацијата всушност се влошува бидејќи никогаш нема доволно (евтини) возачи на камиони. Едвин Атема е холандски синдикалец кој многу добро ја познава состојбата на европските патишта. Екипата на АРД заминува со него на паркингот за камиони во близина на Бад Херсфелд, каде одмара и возач од Филипините. Веќе осум месеци постојано е во камион по патиштата на Унијата и е во постојан страв од полицијата: одамна нема валидна дозвола за престој во ЕУ, никогаш немал ниту работна дозвола.

„Дојде тука да изигруваш херој!“

Има и двајца возачи од Индија - финтата со двајца возачи е што нивниот „работен ден“ според регулативата на ЕУ не трае 24, туку мора да направат ноќна пауза дури по 30 часа возење. Се јавиле на оглас во локалниот весник, но прво на агенцијата требало да ѝ платат 4.000 евра за воопшто да дојдат во Европа. Сега добиваат околу 1.700 евра месечно, но и за нив важи: што и да им се случи, тоа е нивен проблем.

Холандскиот синдикалец ни пушта и снимка од телефонски разговор меѓу газдата и филипинскиот возач кој се осмелил да се спротивстави на условите за работа: „Ќе ти го скршам вратот... На твоите Филипини едвај добиваш 100 евра, а сега дојде тука да ми изигруваш херој!" За холандскиот синдикалец нема сомнеж: „Тие фирми се криминалци“. Проблемот е што возачите често немаат избор: очигледно има голем број превозници, но всушност има сѐ помалку избор на работодавци.

камиони
Германските фирми перат раце од секаква одговорностФотографија: Arne Dedert/dpa/picture-alliance

За нив е подобро да молчат

Новинарите на АРД со овие наоди ги соочија компаниите кои во голема мера ги користат услугите за транспорт со камиони, како што се Амазон или Икеа, но сите тие тврдат дека се подготвени веднаш да реагираат на ваквите практики, па дури и да престанат да ги користат услугите на тој превозник.

Германската синдикалка Ана Вајрих ни објаснува дека ова е стар проблем со странските работници во ЕУ: малкумина од нив дури се осмелуваат да пријават повреда - во многу случаи тоа е веќе кривично дело од страна на работодавачот, бидејќи и во помалку богатите земји од ЕУ добиле дозвола за престој само затоа што имаат работа кај тие сомнителни превозници. А, ако се замерат со нив, тогаш и тие мора да ја напуштат Европската Унија...

Дали сакате да работите како возач на камион во Германија?