1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите „кројат“ данок на луксуз и борба со сива економија

ДТЗ
30 април 2024

Партиите ветуваат повисоки плати, пензии, инвестиции, економски раст. „Фајнанс тинк“ анализира колку се реални нивните ветувања.

https://p.dw.com/p/4fLUJ
економија
СДСМ најавува данок на луксуз, а ВМРО ДПМНЕ борба со сивата економијаФотографија: picture alliance/dpa/Chromorange

Партиите во предизборието ветуваат раст на економијата, странски инвестиции, поголеми плати и пензии,но и нови даноци и сузбивање на сивата економија. СДСМ најавува данок за луксуз, додека ВМРО-ДПМНЕ ќе се фокусира на сузбивање на сивата економија.

Институтот за економски истражувања „Фајнанс Тинк“ ги анализира економските ветувања на главните политички партии во македонскиот блок – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на парламентарните избори на 8 мај.

Раст на економијата

Програмата на СДСМ проектира просечен раст на БДП за периодот 2024-28 година од 5.1%, додека програмата на ВМРО-ДПМНЕ постепено забрзување на моменталниот раст до 5% во 2028 година, што дава просечен раст за целиот период од 4%. „Фајнанс тинк“, во линија со проекциите на Светската банка и ММФ, проценува дека просечен раст поголем од 4% за претстојниот период е невозможен.

Под претпоставка на отсуство на значајни нови шокови во глобалната економија – особено шокови на страната на понудата, кои може значајно да влијаат врз цените и/или да наметнат ограничувања и блокади во понудата на важни добра во делот на исхраната, енергијата и кај инпутите на клучни индустрии за европскиот континент, Северна Македонија може да постигне раст кој ќе се движи околу потенцијалниот раст од 4-4.5% на среден рок од 3-4 години, што би резултирало со просечен раст од 4% или нешто пониско.

Вработеност

Двете политички програми предвидуваат намалување на невработеноста до 7% (СДСМ) односно 7.5% (ВМРО-ДПМНЕ) до 2028 година. Тоа е еднакво на креирање дополнителни околу 50.000 работни места во економијата, што е сосема реалистично за следниот четиригодишен период, велат од „Фајнанс тинк“.

Сепак, укажуваат дека за остварување на оваа цел е неопходно соодветно управување со контингентот на невработени лица во земјата, во смисла на потребата за нивна доквалификација, преквалификација и оневозможување остварување доходи во сивата економија. Дополнително, остварувањето на оваа цел е можно само во услови на контролирано потпирање врз странски работници, главно преку програма за увезување работници во сектори за кои работници не може да се обезбедат преку домашниот контингент на расположлива работна сила. Во контекст на вработеноста, ветувањето на СДСМ за намалување на работното време од 8 на 7 часа е целосно неконзистентно со ветувањето за повисок раст и поголема продуктивност, кои може да се постигнат само со поголем напор и вложување, односно со повеќе работа и работни часови, се вели во анализата.

Инвестиции

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува капитални инвестиции на државата од 3 милијарди евра за целиот мандат, додека програмата на СДСМ - 3.5 милијарди евра.

„Иако овој контингент капитални инвестиции се пожелни за економскиот раст, сепак тие мора да се набљудуваат во контекст на капацитетот на државата за реализација на капитални инвестиции, којшто се движи околу 500 милиони евра годишно. Без отстранување на системските слабости за планирање, приоризација, технички капацитети за тендерирање и имплементација од страна на институциите, овие ветувања се тешко изводливи“, велат од „Фајнанс тинк“.

Плати

Платите се директно ветување само на политичката програма на СДСМ, која ветува просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра во 2028 година. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ само се спомнува дека платите во јавниот сектор ќе растат со растот на економијата, што може да е индикација дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на сите плати е дека ќе резултираат од растот на економијата.

денари
Партиите ветуваат повисоки плати, пензии, инвестиции, економски раст - колку се реални нивните ветувања?Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

„Обврзување кон конкретен раст на платите, кои не се под директна контрола на владата, може да испрати погрешни сигнали за информираниот гласач. Имено, раст на платата до 1.100 евра подразбира нејзин раст од 70% за четири години, што е просечен годишен раст од околу 15%. Платите во земјава ќе продолжат да растат со економијата и со притисокот за квалификувана работна сила на пазарот на труд. Но, континуиран годишен раст од 15%, а со претпоставка на ниска инфлација и раст од околу 4%, е невозможен“, посочуваат од „Фајнанс тинк“.

Во истиот контекст, раст на минималната плата до 600 евра во 2028 година, односно вкупен раст од 65%, или просечен годишен раст од 13%, е невозможен со претпоставката за стабилни цени. Ветувањата за високо поставување на минималната плата, кое не е водено од законски предвиденото усогласување, ниту од динамиката на продуктивноста во економијата, а во услови кога голем удел од работната сила сѐ уште работи во нископлатежни сектори како земјоделие, градежништво и трговија, создаваат потреба од субвенционирање на ветениот раст на минималната плата, што претставува фискален ризик и ја поттикнува сивата економија во делот на непријавени или делумно пријавени работници, се додава во анализата.

Пензии

Програмата на СДСМ предвидува раст на просечната пензија до 30.000 денари до 2028 година, а на минималната пензија до 20.000 денари. Во однос на моменталната просечна пензија, предвидениот раст изнесува 50%, односно 11% просечен годишен раст. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува по 5.000 денари за секој пензионер најдоцна до крајот од првата година, односно раст на пензиите во првата година од 25%.

„Фајнанс тинк“ смета дека раст на пензиите кој отстапува од формулата за нивно усогласување со растот на просечната плата и растот на цените, ќе ја наруши патеката на стабилизација на Фондот за ПИОМ, којшто помина низ блага реформа во 2018 која ја овозможи таа стабилизација.

Даноци

Во линија со своите ставови во поглед на редистрибуцијата на доходот и богатството, СДСМ предвидува воведување данок на луксуз (богатство), за што не се дадени поконкретни контури, како и разгледување модел за прогресивно оданочување на доходот. Дополнително, СДСМ предвидува данок на доход од 0% на минималната плата.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ изнесува став за задржување на сегашните даночни стапки и подигнување на прагот за регистрација за ДДВ обврзник на 3 милиони денари. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ го поместува фокусот врз борбата со сивата економија, како неопходен услов на среден рок да се дојде до поголема даночна база и поголеми даночни приходи.